Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ)

 

 

Вид на програмата

Студиска програма од прв циклус студии, 4 години, 8 семестри, 240 ЕКТС-кредити

Обра­зо­вен степен (дип­ло­ма)

Дип­ло­ми­ран инженер по електротехника и информациски технологии од областа телекомуникации и информациско инженерство 

Про­фил

Телекомуникации и информациско инженерство

Иден­ти­фи­ка­ци­ја на по­тре­би­те и мож­но­сти­те за вра­бо­ту­ва­ње

Дипломираните инженери од студиската програма Телекомуникации и информациско инженерство се подготвени за современи и динамични работни позиции во ИКТ-секторот, како во земјата така и во странство. Нивните знаења и вештини од телекомуникациски технологии, мрежни системи, телеком и Интернет сервиси, софтверски алатки и комуникациско-информациски платформи овозможуваат успешно вклучување во:

  • телекомуникациски, мобилни и Интернет оператори
  • компании за дизајн, развој и одржување на телекомуникациска и мрежна инфраструктура
  • софтверски и ИТ компании кои развиваат дигитални сервиси и услуги во облак
  • индустрија за производство и интеграција на телекомуникациска опрема
  • компании поврзани со сајбер-безбедност, обработка на податоци и IoT решенија
  • секоја мала, средна и голема компанија или институција со сопствена мрежа и која користи или обезбедува дигитални услуги за граѓаните и бизнисите
  • истражувачки центри, технолошки паркови и академски институции ширум светот

Побарувачката за инженери од оваа област е континуирано висока, следејќи ги глобалните трендови во развојот и примената на тековните 5G и идните 6G мобилни мрежи, оптички мрежи, Интернет и веб технологии, облак (cloud) платформи, сајбер-безбедноста, софтверски дефинирани мрежи, автоматизација, развој и примена на вештачка интелигенција во телеком/ИКТ, како и за дигиталната трансформација на сите бизниси, институции и индустрии.

Обра­зо­вни компетенции на профилот

Студиската програма ги опремува студентите со современи знаења и практични вештини низ целиот спектар на комуникациски и информациски технологии. Обезбедува знаења во телекомуникациските системи, мрежните технологии, програмирањето, cloud решенијата и сајбер безбедноста, како и компетенции за анализа, дизајн, имплементација и оптимизација на сложени комуникациски и ИКТ / ИТ системи, мрежи и сервиси.

Поконкретно, студентите стекнуваат компетенции и способности за:

  • Анализа, дизајн и имплементација на телекомуникациски системи и протоколи, вклучувајќи дигитални комуникации, безжични системи, мобилни мрежи и оптички комуникации.
  • Разбирање и примена на модерни мрежни и системски архитектури, како што се Интернет технологиите, 5G и идните 6G мобилни мрежи, сателитски комуникации, IoT (Internet of Things) системи, софтверски дефинирано вмрежување, виртуелизација и платформи базирани на контејнери.
  • Дизајн, конфигурација и администрација на жични, безжични и мобилни мрежи, за Интернет сервис, телефонија, телевизија, IoT сервиси, како и сервиси за проширена реалност (XR – eXtended Reality).
  • Програмирање и развој на софтверски апликации и оперативни системи за телекомуникации, веб услуги, мобилни апликации и веб средини од страна на серверот.
  • Дизајн и моделирање на бази на податоци и информациски системи, примена на Интернет технологии и развој на мрежно ориентирани услуги.
  • Употреба на системи за cloud и edge computing, како и дистрибуирани платформи за обработка, складирање и аналитика на податоци.
  • Анализа, симулација и оптимизација на комуникациски системи со користење на специјализирани алатки за симулација и софтверски методи.
  • Примена на принципите на сајбер безбедност, заштита на мрежи и податоци, безбедни комуникации, мрежна форензика и управување со ризици.
  • Развој и имплементација на системи „Интернет на нештата“ (IoT системи), лични ad-hoc мрежи и паметни уреди.
  • Примена на машинско учење и вештачка интелигенција во телекомуникациите за оптимизација, предвидување и поддршка, како и дизајн на интелигентни телекомуникациски и информациски системи.
  • Разбирање на регулативите, стандардите и индустриските трендови во телеком / ИКТ / дигиталниот сектор и нивна примена во развој, планирање и интеграција на системи, мрежи и сервиси.

Меѓународна акредитација

Студиските програми на ФЕИТ се меѓународно акредитирани од германскиот институт ASIIN, кој е светски лидер за потврда на квалитетот во високото образование. Со оваа акредитација се потврдува дека студиските програми се воспоставени според меѓународните стандарди за квалитет и содржините кои се изучуваат се релевантни за областите кои се покриени во студиските програми

 

Повеќе информации за студиската програма може да најдете овде