Електроенергетски системи (ЕЕС)
Вид на програмата
Студиска програма од прв циклус студии, 4 години, 8 семестри, 240 ЕКТС-кредити
Образовен степен (диплома)
Дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии од областа електроенергетски системи
Профил
Електроенергетски системи
Идентификација на потребите и можностите за вработување
Дипломираните инженери имаат единствена можност да бидат дел од електростопанството, како една од најстабилните дејности, која во текот на повеќе децении вработува голем број инженери. Во оваа област им се нудат можности за успешна кариера и добро платена работа во преносни и дистрибутивни претпријатија, во трговијата и снабдувањето со електрична енергија, во јавниот сектор, како и во консултантски, проектантски и производни фирми. Ваквите кадри се сè повеќе барани во нашата земја и во светот, каде нашата диплома важи без никакви ограничувања.
Образовни компетенции на профилот
На студиската програма електроенергетски системи (ЕЕС) студентите се стекнуваат со практични знаења и вештини од областите: пренос, дистрибуција и снабдување со електрична енергија. Во текот на студирањето се користат современи софтверски алатки за симулација и анализа на ЕЕС, како и за изучување на областите планирање и управување на ЕЕС, пазари на електрична енергија, техника на висок напон, нисконапонски инсталации, осветление и квалитет на електрична енергија. Истовремено, студентите имаат можност да се запознаат со елементите на ЕЕС и низ практични лабораториски вежби во лабораториите на Факултетот. Оваа прогама на идните инженери им овозможува да се стекнат и со теориски и со практични знаења и на тој начин, да се оспособат за решавање на најразлични технички проблеми со кои ќе се соочат во текот на нивната кариера.
Меѓународна акредитација
Студиските програми на ФЕИТ се меѓународно акредитирани од германскиот институт ASIIN, кој е светски лидер за потврда на квалитетот во високото образование. Со оваа акредитација се потврдува дека студиските програми се воспоставени според меѓунароните стандарди за квалитет и содржините кои се изучуваат се релевантни за областите кои се покриени во студиските програми.